Младинската репрезентација на Македонија ремизираше на домашен терен од Израел (1-1), стигнувајќи до бод благодарение на одличниот голман Јанков и на Јани Атанасов, кој постигна гол за израмнување буквално во последните секунди. Јанков блескаше на голот откако не интервенираше најдобро при водечкиот погодок на Израелците, голманот на Работнички одбрани и пенал, пред младиот ас на Хајдук, Атанасов, од слободен удар да постигне прекрасен погодок и да спречи пораз на Македонија на овој натпревар.
Желбата да се повтори добрата игра од дуелот со Казахстан не се исполни, нашите фудбалски надежи уште од самиот почеток се мачеа да го наметнат посакуваното темпо и да ја контролираат средината од теренот. Тоа придонесе да изостанат и опасните ситуации во шеснаесетникот на Израелците, кои пак ја искористија својата прва шанса, поведувајќи во 21. минута преку Елијас. Македонија најубавата шанса за израмнување ја имаше пред самиот крај на полувремето, кога гостите за малку ќе си постигнеа автогол, но голманот на Израел спречи радост на македонските младинци.
Чурлинов се закани во 49. минута, но Македонија не успеа да наметне иницијатива и да стигне до израмнување. Напротив, Израелците беа селекцијата што ги имаше најубавите шанси, но голманот Јанков спречи нивни втор погодок на денешниот натпревар, бранејќи и пенал во 55. минута. Македонија притисна во самиот финиш, успевајќи да дојде до заслужен бод со голот од слободен удар на Јани Атанасов во 95. минута.
„Црвено-жолтите“ со овој бод останаа пред Израел на второто место во групата, но со мали шанси за пласман на ЕП поради фактот дека само најдобрите второпласирани селекции ќе обезбедат учество на претстојниот европски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА