Жалгирис е едно од најпријатните изненадувања на стартот од новата евролигашка сезона откако литванскиот првак во третиот меч ја забележа и третата победа, славејќи на гостувањето во Белград против Црвена Звезда со резултат 69-75. „Црвено-белите“ влегоа во мечот охрабрени по убедливиот триумф над Басконија во минатото коло, но тренерот Обрадовиќ и неговите избраници налетаа на извонреден дефанзивен тим кој ги спушти под 70 постигнати поени.
Жалгирис го доби првото полувреме со 33-39, по што литванскиот тим умешно ја одржуваше предноста пред се благодарение на одличната одбрана. Црвена Звезда успеа да се врати пред самиот крај на мечот, намалувајќи на 67-69, резултат при кој Хол не погоди шут за израмнување. Лекавичиус и Григонис со мирна рака од линијата за слободни фрлања ја запечатија победата на литванскиот состав, нанесувајќи им го вториот пораз сезонава на „црвено-белите“ од Белград.
Лекавичиус со 16 и Ловерњ со 12 поени беа најефикасни во таборот на Жалгирис, додека Џордан Лојд со 19 поени беше најрасположен за игра во таборот на Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА