Продолжението на ракометната сезона повторно е доведено во опасност откако стана јасно дека Пролет нема да може да настапи на предвидениот рестарт следната седмица. Скопскиот суперлигаш по позитивниот тест на голманот Петар Ангелов спроведе комплетно тестирање на играчкиот кадар, при што се забележани уште осум нови случаи на Covid-19 во тимот што го предводи Никола Матлиески.
„Ракометниот клуб Пролет ја известува јавноста за нови случаи на Covid-19 во нашиот играчки кадар. Позитивниот тест на Петар Ангелов, кој се наоѓа во самоизолација и е со благи симптоми, беше причина за тестирање на сите ракометари и членови на стручниот штаб на нашиот клуб. Резултатите се разочарувачки, и покрај настојувањето за максимално почитување на мерките, дури осум членови на Пролет од тестираните се позитивни и веќе се ставени во самоизолација. Тимот на Пролет не е во тренажен процес уште од позитивниот тест на Ангелов и сите ракометари ќе останат во изолација за да се заштитиме од дополнително ширење на коронавирусот. На заболените им посакуваме што побрзо оздравување и враќање на ракометните терени“, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на клубот.
Утрово беше објавено дека нови два случаи има и во редовите на Еурофарм Пелистер 2, огромни се бројките во Пролет, а допрва ќе треба да се изврши масовно тестирање меѓу сите клубови во пресрет на продолжението од сезоната. Сепак, по последните бројки огромни се шансите продолжението повторно да се одложи и да се пристапи кон „балон-турнир“ за комплетирање на првиот круг од групната фаза во Супер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА