Вардар како од најдобрите времиња – Фленсбург настрада во Скопје

Вардар се израдува на првата победа во групната фаза од Лигата на Шампионите откако „црвено-црните“ вечерва со фантастична игра го декласираа Фленсбург со резултат 31-26. Предолгата пауза без одигран натпревар не остави преголема трага, напротив таа беше претворена во желба за надигрување и борба за секоја топка – рецепт што го донесе толку посакуваниот триумф и доказ дека се уште актуелниот европски првак може не само да се носи, туку и повторно да ги победува најдобрите тимови во Европа. Стоилов одигра капитенски и со осум гола го предводеше тимот до овој успех со кој Вардар со играта и карактерот потсети на своите славни денови од пред неколку години.

Фленсбург беше подобар противник само во првите две минути од првото полувреме, кога гостите поведоа со 0-2, но Дибиров со два брзи гола експресно донесе израмнување. Вардар играше одлично, набрзина поведе со 4-2, со одбраната пет-еден создавајќи им многу проблеми на гостинските ракометари. „Црвено-црните“ поведоа со 8-5, но по голманската смена и влегувањето на Бергеруд на местото на Буриќ германскиот вицепрвак се врати и израмни на 10-10. Алушовски зеде тајмаут, на голот на Вардар застана Кизиќ, а токму младиот голман со три одбранети зицери даде дополнителен импулс за македонскиот тим да стигне и до најубедливи четири гола предност (17-13). За жал, овој резултат беше преполовен во последните триесетина секунди од полувремето, па Фленсбург замина на одмор со „минус два“ иако Вардар со изданието во првите 30 минути заслужи и поубедлива предност.

Финишот на првиот дел ја зголеми самодовербата кај германските ракометари, кои експресно стигнаа до израмнување од 17-17. На голот на Вардар се врати Борко Ристовски, одбраната доби на сигурност, па македонскиот првак повторно се одлепи, поведувајќи со 22-19 со голот што од контранапад го постигна Калараш. Проблемите на Фленсбург се зголемија откако во 41. минута третото исклучување го доби Магнус Ред, па норвешкиот „бомбардер“ предвреме го заврши овој натпревар.

Вардар продолѓи со одличната игра, па со феноменалниот гол на Стоилов повторно стигна до плус четири (25-21), при што македонскиот репрезентативец изнуди и исклучување од Ване. Фленсбург беше нокаутиран, па „црвено-црните“ преку Дисингер на осум минути до крајот поведоа и со пет гола предност (27-22). За разлика од првото полувреме, овојпат избраниците на Алушовски не дозволија пад на концентрацијата во финишот, лесно го контролираа резултатот до самиот крај и заслужено стигнаа до победата.

Стојанче Стоилов одигра перфектен натпревар постигнувајќи осум гола, изнудувајќи и пенали и исклучувања, Дисингер и Јотиќ постигнаа по четири, а Дибиров и Чупиќ по три погодоци во овој триумф на „вардарци“.

„Црвено-црните“ во следното коло повторно играат на домашен терен, овојпат против португалскиот првак Порто во чии редови одлични партии прикажува македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски.

Се вчитува...