Нови два позитивни случаи во Пелистер 2

Продолжуваат проблемите со коронавирусот кај ракометните Суперлигаши. Пелистер 2 денеска објави дека нови двајца ракометари се позитивни на последните спроведени тестирања во клубот.
„Информација за тестирањето на ковид-19 на ракометарите и стручниот штаб на Еурофарм Пелистер 2. Откако пред два дена беа констатирани симптоми кај двајца ракометари, РК Еурофарм Пелистер 2 ги тестираше сите членови на клубот на ПСР тест на ковид-19. По дополнителните тестирања позитивни тестови има кај уште двајца ракометари. Во овој момент четворица ракометари на Еурофарм Пелистер 2 се позитивни на коронавирус, немаат симптоми и добро се чувствуваат. По наредното тестирање на останатите членови на екипата, стручниот, медицинскиот и административниот тим, ако сите тестови се негативни, тимот ќе се врати во тренажен процес“, стои во соопштението од клубот.
Претходно во клубот потврдија два случаи што значи дека бројката на заразени од коронавирус се искачи на четворица. Еурофарм Пелистер 2 одигра четири натпревари во Суперлигата, група Б и запиша две победи и два порази.

Се вчитува...