Долг е патот на ПСЖ кон врвот на европскиот фудбал, особено со бледи изданија како она вечерашното против Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ се првиот тим што по пауза од 16 години го освоил „Паркот на принцовите“ во натпревар од групната фаза од ЛШ, а се чини дека главната работа беше завршена со неутрализирањето на Килијан Мбапе.
Францускиот голгетер се наоѓа во очигледна криза кога станува збор за средбите во ЛШ, на кои е без погодок на последните шест одиграни натпревари. Тој промаши зицер во финалето против Баерн, а не искористи и две убави шанси на вечерашниот натпревар со Јунајтед (еднаш одбрани Де Хеа, еднаш беше изблокиран од Ван Бисака). Мбапе за првпат во кариерата врза шест средби во едно натпреварување без да се запише во листата на стрелци, а ако на него се додаде и бледата партија на Нејмар, јасно е дека неуспехот беше неизбежен.
Маркус Рашфорд втор пат во две години е кобен за „светците“ среде Париз, а Мбапе дефинитивно ќе мора многу подобро ако сака да си ја исполни големата желба, со ПСЖ да се искачи на врвот на европскиот фудбал. Впрочем, ова најверојатно му е и последна шанса со оглед на најавите дека следното лето тој ќе си замине од овој клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

