Куманово интензивно се подготвува за стартот на новата сезона, што „сино-белите“ ќе ја почнат веќе в среда со премиерниот меч од БИБЛ-лигата против ТФТ. Поранешниот македонски вицепрвак се реши за промени во ростерот непосредно пред почетокот на сезоната, откако беше донесена одлука за разделба од двајцата Американци, Џулуи Гуити и Џош Селби.
„Гуити е отпуштен бидејќи не го даде потребниот максимум. Што се однесува до Селби, тој имаше два смртни случаи во семејството и му дозволивме да замине во САД. Селби се уште е под договор со Куманово и би можел да се врати во тимот во 2021 година“, истакнува тренерот Владимир Мирковски.
Експресно беа најдени и замините за двајцата Американци, нов плејмејкер е Јован Црниќ, додека засилување за позицијата крилен центар е бугарскиот интернационалец Георги Бојанов. Црниќ всушност се враќа во Куманово, каде одигра неколку месеци пред прекинот на ланската сезона. Што се однесува до Бојанов, тој доаѓа во таборот на кумановци од шампионатот на Исланд, каде во дресот на Рејкјавик имал просек од 20 поени и 10 скокови по натпреваљр.
„Ова ќе биде турбулентна сезона, пред се поради големата пауза што ја имаа кошаркарите, неизвесноста во која сме ставени поради почетокот и форматот на лигата и сите оние стресови околу тестирањата. Изрекување на 14-дневен карантин за асимптоматски случаи, негативно влијае и врз спортистите и врз тренерите, за кои е невозможно да ја темпираат формата на своите екипи. Во овој момент, сепак најважно за нас е здравјето на играчите и на членовите на стручниот штаб, како и нивната егзистенција“, вели Мирковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА