Селекторот Александар Тодоров се наоѓа во незавидна ситуација, голем дел од репрезентативците на еден месец до новиот квалификациски циклус немаат одиграно ниту еден официјален натпревар. Одложениот старт на првенството поради коронавирусот создава проблеми и за националниот тим, каде се уште не може целосно да се договори текот на подготовките. Проблем според сегашните најави (ситуацијата може да се промени во зависност од бројките со коронавирусот во регионот и ширум Европа) ќе претставува доцнењето на играчите од МЗТ Скопје и Работнички (настап на турнир во АБА2) и на дел од интернационалците. Сепак, мора да биде запазен рокот на ФИБА – сите играчи кои ќе се најдат на списокот на селекторот да имаат тестирање на Covid-19 на 17 ноември, тестови што ќе мора да бидат извршени врз репрезентативците во земјите каде ќе се наоѓаат во тој момент.
„Она што ние како стручен штаб го посакуваме е подготовките да почнат на 16 ноември. Впрочем, и ФИБА не обврзува да направиме задолжителни Covid-тестови на 17 ноември, по што целата експедиција е задолжена да оди во карантин се до тргнувањето за Талин. Сепак, доколку се реализираат најавите за турнир на АБА2 до 18 ноември, ќе бидеме принудени да ги промениме нашите планови. Бидејќи во една таква ситуација играчите на МЗТ и на Работнички би пристигнале на 19 ноември, по што веднаш би им биле направени тестови, а со тренинзи во најдобар случај би можеле комплетни со домашните играчи да почнеме со работа од 20 ноември. Протоколот на ФИБА е строг и дециден, така што оние кои нема да бидат во Скопје, исто така ќе треба да се тестираат на овој датум онаму каде ќе се наоѓаат на 17 ноември. Тоа се плановите базирани на денешната ситуација, но јасно е дека во период на коронавирус ситуацијата значително може да се промени само за 24 часа. Затоа и нема да брзаме со списокот од 24 кошаркари, што ќе го испратиме пред крајниот рок на ФИБА, на 15 ноември, откако ќе имаме увид во здравствената состојба на сите потенцијални репрезентативци“, вели Тодоров.
На списокот на Тодоров ќе се најде и големиот талент Андреј Јакимовски, кој летово замина на школување во САД, па останува да се види дали неговиот универзитет ќего пушти Македонецот да дојде и да му помогне на националниот тим.
МЗТ Скопје и Работнички се клубови кои вообичаено даваат најголем број на репрезентативци, но проблем ќе претставува и доцното пристигнување на странците.
Македонската експедиција на 23 ноември треба да патува за Талин, каде ќе мине неколку дена во карантин. Натпреварите од „балонот“ се закажани за 28 ноември (против Италија) и 30 ноември (против домаќинот).
„Ненад Димитријевиќ игра натпревар на 22 ноември и најверојатно ќе мора да пристигне директно во Талин. Свои средби во тој период ќе имаат и Ѓуроски и капитенот Војдан Стојановски, тие би требало да завршат некој ден порано и најверојатно ќе пристигнат прво во Скопје. Сепак, да почекаме и да видиме дали сезоните во Шпанија и во Франција ќе продолжат онака како што во моментов е планирано“, истакнува селекторот.
Американецот Витингтон кариерата ќе ја продолжи во далечната Јапонија, а во меѓувреме КФСМ почна процедура за натурализација на двајца американски кошаркари, бекот Аскија Букер и центарот Џејкоб Вајли.
„Процедурата е почната и се надеваме дека ќе биде завршена навреме за да ги имаме на располагање двајцата Американци. Мојот план е за следните два натпревари од потенцијалните натурализирани играчи на позиција центар да го ангажираме Вајли, чија помош ќе ни биде добредојдена во борбата под кошевите. Доколку тоа е невозможно, ќе се обидеме да го доведеме Витингтон, кој во меѓувреме замина да игра во Јапонија, но таму ќе има ФИБА-прозорец како и во Европа“, открива Тодоров.
Задачата не е нималку лесна, особено по двата стартни порази на почетокот од овој квалификациски циклус. Токму затоа, овие две средби ќе бидат од клучно значење за враќање во живот во битката за едно од првите три места во групата, кои носат билет за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА