По повеќе од седум месеци пауза, во Македонија повторно се одигра официјален кошаркарски натпревар, Куманово во првото коло од БИБЛ-лигата го совлада тимот на ТФТ со резултат 90-83. Долгата пауза без натпревари беше очигледна кај двата тима, се правеа почетнички грешки, но дуелот на крај понуди интересна завршница во која кумановци дури во последните триесетина секунди ја осигураа победата. „Сино-белите“ беа подобри во првото полувреме, гостите се вратија во вториот дел и стигнаа до израмнување, но на крајот сепак пресуди нешто поголемото искуство на составот на тренерот Мирковски.
Куманово многу подобро го отвори натпреварот, па предводени од Глигоријевиќ домашните кошаркари набрзина стигнаа до солидна предност од осум поени. Глигоријевиќ набрзина направи две лични грешки, а по излегувањето на крилниот центар гостинските кошаркари успеаја да се приближат на 17-15. Капитенот Тодоровиќ постигна тројка во вистински момент за да ја прекине серијата на гостите и Куманово ја доби првата четвртина со 21-15. „Сино-белите“ рутински го контролираа резултатот и во вториот период, со поените на Робев за првпат стигнаа до двоцифрена предност, а на одмор заминаа со водство од 12 поени (50-38).
Советите на гостинскиот тренер на паузата вродија со плод, па ТФТ со агресивна зонска одбрана ги исфрли од ритам кумановци. Горјан Марковски во раната фаза од третата четвртина ја заработи и четвртата лична грешка, кумановци често правеа грешки во нападот, со што нивното водство се топеше од минута во минута. Андерсон, кој го одбележа мечот со неколку атрактивни забивања, реализираше од контранапад за 61-60, пред крајот на четвртината му украде уште една топка на Цветковски и повторно ја заби низ обрачот, па во последните десет минути се влезе со резултат 66-63.
ТФТ успеа стигне и до израмнување (70-70) во последниот период, но Двојаковски ја презеде одговорноста и за момент го спречи налетот на гостите од Скопје, постигна седум поени во серија за водство на Куманово од 79-74 и го натера гостинскиот тренер на тајмаут на неполни пет минути до крајот.
Херис погоди тежок шут за 79-76, по што Робев погоди тројка во клучен момент за Куманово, по офанзивниот скок и асистенцијата на Двојаковски. Судиите на помалку од две минути досудија и техничка грешка за клупата на кумановци, но домаќините имаа среќа што ТФТ очајно ги изведуваше слободните фрлања (13/30 до 38. минута). Сапунџиев погоди два „пенали“ на 87 секунди до крајот, по што домашниот тренер Мирковски побара тајмаут. Робев беше прецизен од линијата за слободни фрлања, по што ТФТ во следниот напад направи лична грешка во напад, а кога Куманово требаше рутински да го приведе мечот до крај Цветковски најпрвин загуби топка од Андерсон, а потоа направи прекршок што судијата Давидов го окарактеризира како неспортска лична грешка. И повторно гостите погодија само едно од двете слободни фрлања, потоа Херис солираше и промаши, по што Андрејевиќ од линијата за слободни фрлања ја осигура победата, изразена со конечни 90-83.
Робев беше најефикасен кај Куманово со 15 поени, 12 постигна Горјан Марковски, а 11 Андрејевиќ. Прв стрелец на ТФТ беше Андерсон со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА