Стопирана фудбалската игра во Македонија. По донесувањето на најновите промени во законот за превенција од пандемијата на коронавирусот со кои од Комисијата за заразни болести беше препорачано ПЦР тестови за секој клуб најмалку на 72 часа пред секој натпревар, сосема јасно огромно мнозинство од фудбалските клубови во Македонија не можејќи сето тоа да го испочитува бараа одложување на натпреварите.
Поради тоа и Фудбалската федерација на Македонија официјално ги одложи сите фудбалски натпревари предвидени за престојниов викенд.
„Поради измени на Протоколот за спроведување мерки за заштита од „Ковид 19“ и стапување на сила на Општиот Протокол за организирање на натпревари, натпреварите од 11. коло на Прва МФЛ и 10. коло на Втора МФЛ – Исток и Запад кои требаше да се одиграат на 31.10.2020. (сабота) и 01.11.2020. (недела), се одложуваат и истите се пренасочуваат за одигрување на 07.11.2020. (сабота) – 11. коло од Прва МФЛ и 10. коло, Втора МФЛ – Исток и Запад на 08.11.2020 (недела)“ – се вели во соопштението од Комисијата за натпревари при ФФМ.
Од ФФМ уште во текот на вчерашниот ден испратија и официјално барање до Комисијата во кое се бара, фудбалерите и останатите членови на клубовите да бидат тестирани со брзи тестови кои во првиот период ќе бидат финански покриени од Фудбалската федерација на Македонија, а потоа да не достигнуваат трошок за клубовите повисок од 300 евра.
„Доколку протоколите останат вакви какви што се јасно е дека апсолутно не е можно продолжување на фудбалската игра за поголемиот дел од клубовите партиципиенти дури и во најквалитетните две домашни лиги. Токму поради тоа бараме измени во протоколите, со што би се овозможило продолжување на фудбалот како секаде во светот“ – се коментарите од Фудбалската федерација на Македонија.
Од ФФМ очекуваат Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да излезе во пресрет на барањата на фудбалските клубови со што би продолжила и фудбалската игра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА