„Почнуваме со кошарка, со надеж дека бројките нема да скокнат“

Се е подготвено за почетокот на новата кошаркарска сезона, која треба да стартува од утре, а плановите не би требало да бидат нарушени без оглед на денешниот позитивен тест на еден од кошаркарите на Вардар. Од раководството на КФСМ објаснуваат дека „куќата на кошарката“ целосно ќе ги следи протоколите издадени од Владата, според кои клубовите ќе треба да ги тестираат сите играчи и членовите на стручниот штаб на најмногу 72 часа пред секој натпревар.

„Наша цел е да се игра кошарка, досега некој можеби мислеше дека тактизираме, но вистината е дека не сакавме да брзаме и сакавме да постои протокол што максимално ќе го заштити здравјето на сите поединци. Свесни сме за ситуацијата со КК Вардар, но останува да ги почекаме резултатите од останатите клубови кои ќе ги добијат резултатите во текот на денешниот ден. Имаме разработено неколку варијанти, на пример доколку Вардар не може да игра, колото ќе си продолжи без тој натпревар, што ќе биде презакажан за друг датум. Сепак, важно е да нема премногу случаи, односно да не се повтори како минатиот пат кога сакавме да почнеме, а се појавија позитивни случаи во повеќе од половина од прволигашите“, вели Генералниот Секретар при КФСМ, Влатко Георгиевски.

Воедно, тој потенцира дека одлуката дали некој клуб оди во самоизолација не ја носи федерацијата.

„Некои работи се измешаа, не може некој клуб да каже дали оди во самоизолација или пак федерацијата да одлучи. Се знае, меродавна во такви ситуации е здравствената комисија, која врз основа на контактите со остатокот од тимот решава дали само заразениот играч или сите кошаркари ќе мора да заминат во самоизолација. Тоа никако не може да биде одлука на федерацијата, туку на здравствените власти. Како и да е, нашиот план е со кошарка да се стартува викендов и потоа да продолжиме, со надеж дека бројките нема да скокнат“, порачува првиот оперативец во „куќата на кошарката“.

Се вчитува...