Критиките на Карим Бензема за соиграчот Винисиус и барањето од останатите фудбалери да не му подаваат на Бразилецот предизвикаа бурна реакција во шпанскиот фудбал. Реал има проблем со нападот, а несогласувањето меѓу двајцата првотимци дополнително ја отежнува задачата на тренерот Зидан. Францускиот стратег на денешната прес-конференција изненади со изјавата дека воопшто не е загрижен поради таквиот став на Бензема, бидејќи и тој самиот го правел истото додека бил играч.
„Не верувам дека Винисиус ќе биде погоден од критиките на Бензема, ниту пак дека Карим направи нешто премногу лошо. Сега има повеќе камери, па се се гледа, но вистината е дека ваквите работи се многу чести во светот на фудбалот. И јас како играч го правев истото, но и додека ја почнував кариерата имаше натпревари на кои соиграчите ми го правеа тоа на мене, намерно не ми ја додаваа топката“, истакна Зидан.
Воедно, францускиот стратег му даде апсолутна поддршка на Винисиус да го надмине кризниот период и да влезе во топ-форма во продолжението од сезоната.
„Винисиус е млад, тој е сегашноста и иднината на Реал Мадрид. Тој работи добро на тренинзите, знае дека јас сум задоволен од него. Говориме за младо момче кое е исклучителен талент, но кое исто така сака да учи, да се усовршува, што е добро и за тренерот и за екипата“, изјави Зинедин Зидан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА