Милан полека се враќа на старите патеки. Составот на Стефано Пиоли го продолжи добриот моментум од претходната сезона, во првите шест кола во Серија А забележа пет победи и само едно реми, а игра добро и во Лига Европа каде по две кола има перфектен скор. Сето тоа не помина незабележливо, а големи пофалби доаѓаат и од легендата на Милан, Андриј Шевченко.
„Секако дека можат да стигнат до „Скудетото“. Јасно е дека шампионатот е долг, но Пиоли одлично ја заврши претходната сезона, и ја започнаа оваа уште подобро“ – изјави Украинецот за „Газета Дело Спорт“.
Милан последен пат ја освои титулата во сезоната 2010/11. Тогаш „црвено-црните“ во својот состав го имаа Златан Ибрахимовиќ, исто како и сега.
„Росонерите се како оркестар. Секој ја знае својата задача и истата ја врши одлично, а Ибра е оној кој диригира“ – додаде голгетерот кој постигна 127 гола за тимот од Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА