Поразот од Лајпциг повторно ја врати смената на тренерот Томас Тухел на дневен ред кај раководството на ПСЖ. Германскиот стратег веќе извесно време е во конфликт со директорот Леонардо, нивниот однос со месеци е далеку под секоја нормала, па Бразилецот е иницијатор на идејата дека „светците“ ќе мора што поскоро да го сменат тренерот за да се вратат на посакуваните патеки.
ПСЖ има претрпено четири порази од стартот на сезонава (по два во домашното првенство и во ЛШ), а по неуспехот во Лајпциг на европскиот вицепрвак му се заканува елиминација уште во групната фаза од Лигата на Шампионите. Тухел не успеа да ги надмине ниту недоразбирањата со дел од фудбалерите, па француските медиуми најавуваат дека Германецот би можел да добие отказ за време на репрезентативната пауза, дури и доколку триумфира на утрешниот дуел со Рен.
Според истите извори, во игра за негов наследник се тројца кандидати, Тијаго Мота, Маурицио Покетино и Масимилијано Алегри. Мота имаше неуспешна авантура во Џенова, но Аргентинецот остави зад себе многу пријатели од работата со младинскиот тим на „светците“ што ја вршеше до пред една година. Тој е во одличен однос и со претседателот Ал Келаифи, кој сериозно размислува да му даде шанса да работи со суперѕвездите на ПСЖ. Покетино е поранешен фудбалер на „светците“, но сериозен интерес за него доаѓа и од Манчестер Јунајтед, додека Алегри чека на готовс откако мина повеќе од една година без работа по заминувањето од Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

