Крајот на сезоната во европското првенство со туринг возила (ТЦР Европа) e момент за заокружување на впечатоците на македонскиот автомобилист Виктор Давидовски за резултатите постигнати со ПСС Рејсинг во 2020 година.
Поради појавата на пандемијата, календарот на ТЦР Европа беше подложен на повеќе промени, за на крајот македонскиот пилот да добие дозвола за учество само на две трки, оние во Италјиа и Шпанија.
„Оваа трка во Харама на хартија беше загубена за возачите на Хонда, бидејќи имавме мошне лоша почетна основа согласно предвидениот баласт од организаторите на трките. Таканаречениот „БоП“ не ни одеше во прилог, но поради дождот се случи да се натпреваруваме во изедначени околности. За мене беше вистинска чест да имам време кое е само три десетинки од најдобрата Хонда за која вози професионален, платен возач, а дополнително востановив дека сум најдобар на два други сектора, а поради мала грешка во вториот дел го губам приматот. Сепак, имајќи предвид дека меѓу моите настапи минуваат и повеќе месеци, ваквите перформанси ми се мотив повеќе да продолжам и да докажам дека можам и умеам да возам на ниво на оние кои заработуваат за живот на овој начин“ – вели Давидовски.
Оценката за целата сезона во 2020 година е подеднакво комплицирана колку што беше комплицирана и самата сезона, но сепак параметрите покажуваат позитивен напредок на секое поле.
„Ова е наша трета сезона во ТЦР Европа и напредокот е забележителен во секоја форма, без оглед дали споредуваме бодови или пласмани. Лани 12 трки освоив бодови во само два наврати, а оваа година имав четири трки и два пати бев во бодови. Лани имав три бода, оваа година нивното салдо е 26. Автомобилот беше подобар, но реалноста направи да не можеме да извадиме максимум од сето тоа. Сметав и се уште сметам дека нашата цел е повисока и тука сме за да се бориме за подиуми, а видовме дека тоа е можно кога во Марсеј со нашето возило настапи Нестор Џиролами, бидејќи мене не ми беше овозможен влез во Франција. Дури и ваквиот континуитет ни дава надеж дека одиме кон повисоко ниво, бидејќи ако ја погледнете листата на учесници ќе забележите дека ПСС Рејсинг е единствата екипа од бившите југословенски простори која три години по ред се натпреварува во ТЦР Европа и акумулираните искуства вродуваат со плод“ – коментира еден од најдобрите македонски автомобилисти.
Само седум екипи од вкупно 14 колку што настапија во 2020 година, биле присутни на сите 12 трки (поместени во шест гран при викенди). ПСС Рејсинг со 98 бода се најде на 10 место од 14 тимови, додека Давидовски со 26 бода е на 24 место во поединечна конкуренција. Македонскиот возач во два наврати се појавуваше и на подиумот како освојувач на „Трофејот на Јокохама“.
„Можам да кажам дека планираме во идната сезона да настапиме на сите трки со два автомобила, но дали тоа ќе се случи останува да видиме. Во најголем случај ќе зависи се од надминувањето на здравствената криза, а потоа и од финансиската ситуација. За да се исполнат сите обврски на максимално ниво мора да продолжиме со напорни тестирања, учење на патеките и на автомобилот во разни временски услови, бидејќи за време на еден гран при викенд најчесто се соочуваме со такви предизвици кои потоа ни ја отежнуваат работата. Мораме да се уиграме и усовршиме како тим, иако по три години во ТЦР Европа искрено можам да констатирам дека сме напреднале за цела класа“ – вели Виктор Давидовски.
Мароканецот Меди Бенани оваа година стана шампион на ТЦР Европа без ниту една победа, а со најмногу пласмани во бодови, што е показател колку вреди константноста во ова натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА