Мираковски: Среќа што никој не се повреди, невозможно беше да се игра…

Работнички претрпе катастрофален пораз од 98-69 нa почетокот од АБА-2 лигата, а тренерот Мираковски вината не ја бара кај себе ниту кај своите избраници. Според него, неуспехот бил неизбежен поради заморот во таборот на „центарци“ по трите дерби-дуели во низа во домашното првенство.

„Сакам да му честитам на противникот, кој одигра подобар меч од нас и заслужено триумфираше. Што се однесува до нашето издание, среќен сум што никој не се повреди бидејќи кај сите кошаркари владее огромен замор. Имавме три средби во седум дена во Македонија, па патувавме илјада километри да пристигнеме овде, едноставно немавме сили да го покажеме она што го знаеме. Физички беше невозможно да се игра, а кога немате сили против еден квалитетен ривал како Студентски Центар, поразот е неизбежен“, изјави Мираковски веднаш по неуспехот.

Работнички сега ќе има два дена одмор пред дуелот со Подгорица што ќе се игра в четврток.

„Што е тука е, ќе гледаме во овие два дена да се одмориме, да собереме сила и против Подгорица да се прикажеме во вистинско светло. Ќе ни дојдат седум средби за 15-16 дена, затоа и баравме да ни биде одложен дуелот со Кожув пред патувањето за Златибор, но не беше прифатено“, истакна Мираковски.

Се вчитува...