Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и третиот пораз во низа во квалификациите за Евробаскет 2021, прв во „балон-турнирот“ што се одржува во Рига. „Црвено-жолтите“ за противник ја имаа селекцијата на Хрватска, губејќи со 80-62, но и покажувајќи далеку подобра игра отколку на првите две квалификациски средби. Засилени со Бонер и со Митрашиновиќ, избраничките на селекторот Ѓоровиќ во голем дел од мечот сосема солидно му парираа на фаворитот, но на крајот сепак пресуди силниот колектив на Хрватска, која и без неколку првотимки сепак стигна до рутинска победа.
Хрватските кошаркарки од самиот почеток наметнаа темпо, стигнувајќи до прво двоцифрено водство уште во 9. минута (26-15). Македонија подобро ја отвори втората четвртина, нашите репрезентативки се приближија на 34-32, резултат при кој не искористија дури четири напади за израмнување. Хрватска знаеше како да го казни тоа, на одмор замина со „плус единаесет“ (46-35), предност што противничките умешно ја зголемија за убедлива рутинска победа.
Сосема очекувано, Бонер беше главна фигура во нашите редови со 20 поени, 17 скокови и 7 асистенции, Митрашиновиќ постигна 15, а Трајчевска 10 поени за нашата репрезентација.
Македонија во рамките од четвртото коло од овие квалификации в сабота ќе се сретне со домаќинот Летонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА