Кочов: Ме радува тоа што останавме фокусирани и верувавме во победа

По поразот во првото коло на „балонот“ во Златибор, МЗТ Скопје успеја да се рехабилитира и да слави против Сутјеска. Аеродромци одиграа две различни полувремиња, едно доминантво и едно во грч, кој овој пат беше надминат пред завршетокот на натпреварот.

„Честитки за моите играчи. Јас очекувам да играме на ваков начин, но сеуште се бараме. Ние сме талентирана екипа и очекувам да играме се подобро. Имаме четири странци, меѓутоа само Андрија Бојиќ и Тодрик Готчер имаат искуство. Имаме млади играчи и нормално е да има некој пад, меѓутоа не е нормално да во првото полувреме ја движиме топката и решаваме, а во трета четвртина да застанеме. Тоа се должи на две работи, претпоставувам дека или не сме спремни, или се опуштаме. Ме радува тоа што и кога поведоја пет разлика, играчите останаа фокусирани и веруваа во победа. Сите играчи дадоа свој придонес“ – изјави по натпреварот Ѓорѓи Кочов

Актуелниот македонски шампион на почетокот на сезоната се соочи со две важни повреди кои ја скратија ротацијата. Бојан Крстевски кој минатата сезона бележеше просек од 11.0 поени и 5.7 скока, и Андреј Маслинко кој имаше просек 10.8 поени и 6.0 скока, не се дел од „сино-белите“ на почетокот на сезоната. Нивното отсуство беше видливо и на натпреварите од домашното првенство, како и на првиот дуел од АБА2 лигата. Како нивна замена, тренерот Кочов во својот ростер го додаде Иван Карачиќ кој во дебито постигна 7 поени, 3 скока, 2 асистенции и една украдена топка за 18 минути на паркетот.

„Од оваа тешка ситуација во која бевме, сакам да го пофалам новиот играч Карачиќ, кој само со еден тренинг денеска ни даде многу енергија и многу ни помогна“ – додаде тренерот на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје половичниот скор ќе се обиде да го поправи на следниот натпревар против Широки кој ќе биде одигран во недела со почеток од 15 часот.

Се вчитува...