Младиот тим на КЛ7 продолжува со одличните партии во ракометната Суперлига на Македонија. Младите момчиња на Андон Бошковски успеаја да го земат и скалпот на досега непоразениот и голем фаворит во А групата Пролет, совладувајќи го на домашен терен со 32-30. По израмнетото прво полувреме кое заврши нерешено 14-14, КЛ7 во текот на вторите 30 минути цело време беше во предност, а во еден момент дебитантот во суперлигата имаше и плус четири 28-24. Во финишот дојде до мал пад поради неискуството, но сепак избраниците на Андон Бошковски успеаја да издржат и да стигнат до голема победа против фаворитот. Кристијан Симоновски со 9 гола беше прво име во победничкиот табор, додека кај поразените Ласко Андоновски го заврши мечот со 10 гола.
Во вториот натпревар од денешната понуда Металург без страницте без поголеми проблеми го совлада Работнички со 26-22. Откако тренерот Зоран Кастратовиќ прв си замина од клубот, на добар пат тоа да го сторат се и странските ракометари во таборот на клубот од „Автокоманда“. На денешниот натпревар новиот тренер Димитриоски не можеше да смета на ниту едно од неколкуте летни странски засилувањата на клубот. Тарабокија, Хорват, Рниќ, Потиќ и Канкараш воопшто не беа во составот за овој натпревар, за кој Димитриоски сметаше само на 12 ракометари. Во отсуство на странците најефикасен кај Металурзите беше Мартин Серафимов со седум гола, додека Михајло Младеновиќ постигна еден помалку. Кај поразените седум гола постигна Тоше Ончев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА