Војна во ЦСКА: Мајк Џејмс си оди по конфликтот со Итудис

ЦСКА Москва славеше на дуелот со Басконија, на кој рускиот првак не сметаше на помошта на Мајк Џејмс. Американецот и сезонава е лидер на ЦСКА, но според последните информации одличниот стрелец би можел до крајот на месецот да си замине по големата караница што ја имал со тренерот Итудис.

Стратегот отворено говореше за незадоволство од залагањето на дел од кошаркарите при поразот од Химки, вклучувајќи го и Џејмс во групата на играчи од кои очекува многу повеќе во иднина. Таа изјава на Итудис послужила како причина за голем конфилт на тренингот во вторникот, по што Џејмс незадоволен си заминал. Тренерот и управата го казниле Американецот не вклучувајќи го во составот за мечот со Басконија, а Џејмс ќе добие и дополнителна финансиска казна.

Извори блиски до кошаркарот тврдат дека тој сака веднаш да си замине, но прашање е дали ќе се најде клуб што среде сезона со намалени приходи поради Covid-19 ќе плати богата отштета за да го доведе Американецот во своите редови. Единствена опција би бил трансфер во Реал Мадрид, но само доколку „кралевите“ до крајот на месецов останат без Кампацо, кој би можел да се пресели во НБА, а шпанскиот гигант би добил значителна отштета што би ја реинвестирал во трансфер на Мајк Џејмс.

Се вчитува...