Кошаркарките водеа на полувреме, но на крајот загубија од Германија

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ја прикажа најдобрата игра во овие квалификации, губејќи од селекцијата на Германија со 74-59. Ако се знае дека пред само една година загубивме од истиот ривал со 105-40 јасно е дека напредокот во играта е огромен, а Македонија денеска дури и имаше предност на полувреме. За жал, одличното темпо и цврстината во одбраната не беа задржани до самиот крај, па на крајот беше претрпен пораз, најтесен во овој квалифкациски циклус.

Германките го почнаа мечот со две тројки во низа и две лесни реализирации во рекетот, но македонската одбрана во продолжението функционираше многу подобро. Со нападите раководеше одличната Митрашиновиќ, па почетната четвртина заври со 13-17 за противникот. Втората четвртина беше најдоброто нешто што македонската репрезентација го прикажа во овие квалификации, одбраната функционираше беспрекорно и ги запревме Германките на само 12 поени. Во нападот Митрашиновиќ доби помош и од Бонер, па Македонија замина на одмор со предност од 33-29.

Противничките набрзина го презедоа водството на стартот на третата четвртина, но избраничките на Ѓоровиќ не се предадоа, повторно следеа неколку добри акции во нападот, поцврста одбрана, па во последните десет минути се влезе со само „плус два“ за Германија (47-49). Македонија добро парираше до три минути до крајот, кога Германките успеаја да се одлепат и да ја осигураат победата.

Митрашиновиќ беше најдобра во редовите на македонската репрезентација со 30 поени и 6 асистенции, додека Бонер во својот втор меч во македонскиот дрес реализираше нов дабл-дабл, од 14 поени и 11 скокови.

Без оглед на денешниот пораз, напредокот во играта кај нашата репрезентација е очигледен, па се очекува во завршните февруарски квалификации, засилени со уште неколку кошаркарки кои поради повреда не настапија во ноември, Македонија да одигра уште подобри натпревари во овој квалификациски циклус.

Се вчитува...