Ѓоровиќ: Македонија веќе нема да биде „топовско месо“ за ривалите

Македонија претрпе два нови порази во квалификациите за Евробаскет 2021, но напредокот во играта на нашата женска репрезентација беше очигледен. Особено на денешниот дуел со Германија, на кој против селекцијата од која што лани загубивме со 65 разлика вечерва бевме „егал“ цели 37 минути. Токму затоа, селекторот Владимир Ѓоровиќ има причини за задоволство поради одличното издание со кое јасно ставивме до знаење дека Македонија во иднина нема да биде тотален аутсајдер во квалификациските дуели како што тоа беше случај во последните години.

„Пораз како пораз, нормално, никој не сака да губи. Но за нас ова е пораз кој не боли, затоа што со ова е потврдена онаа добра игра против Хрватска. Тоа е нешто што најмногу ме радува. Сакам да кажам дека одамна не сме одиграле два врзани, вака ‘тврди’ натпревари. Натпревари по кои искрекно се надевам дека ќе го промениме тоа што го имаме во главите. И дека никогаш повеќе нема да бидеме топовско месо за противниците, туку ќе бидеме вистинска конкуренција за нив“, вели Ѓоровиќ.

Селекторот откри и кои беа клучните работи во играта со кои го неутрализиравме големиот фаворит до пред самиот крај на мечот.

„Со стручниот тим направивме анализа на екипата на Германија. И видовме дека нивниот тренер кој сега е главен ‘коуч’  на екипата на Минесота во WNBA лигата, има воиграна екипа, која је доста дисциплинирана. Пробавме константно да го притискаме нивниот плеј, за на тој начин да можеме да ја ‘расипеме’ нивната организација во нападот, и колку-толку да ја анулираме нивна игра на ‘низок пост’. Видовте и самите, немавме ни сила, ни ротација да парираме до самиот крај. Но бевме во игра 36-37 минути“– анализира Ѓоровиќ по овие 40минути од средбата со Германија.

Воедно, селекторот не заборави да ги издвои сите оние кои дадоа значаен придонес на овие две средби.

„Митрашиновиќ одигра маестрално. Голема благодарност до неа, играше со повреден зглоб. Бонер е светска класа, уште подобар човек. Го даде својот максимум, овој пат и повеќе во одбраната. Трајчевска прикажа доста сериозна, и квалитетна игра. Кметовска и Николиќ го оставија срцето на теренот во борба со германските горостаси. Но, следува посебна пофалба на Пејковска и за Адамовска кои сите минути ги одиграа во пресинг на нивниот плеј Бронхорст, и се подредија на колективот. За останатите девојки има уште време, иднината е пред нив“ – заврши македонскиот кормилар.

Се вчитува...