Се поголем е бројот на ракометари кои бараат да биде откажано претстојното светско првенство што во јануари треба да се одржи во Египет, грижејќи се за здравјето и безбедноста за време на овој шампионат. Последните кои говореа на оваа тема се најдобриот исландски ракометар Арон Палмарсон и хрватската „ѕвезда“ Домагој Дувњак, кои се едногласни дека најдобро ќе биде на почетокот од 2021 година да нема елитно натпреварување на програмата.
„Кратко и јасно, треба да се откаже. Не разбирам зошто мораме да патуваме и да играме во јануари, кога сезоните и без тоа се со згуснат распоред, со толку голем број на одложени средби. Згора на тоа, 2021 ќе биде одлимписка година, па премногу е ризично за сите. Секако дека би сакале да играме на големите натпреварувања, но во ситуација кога гледаме што се случува низ светот… тоа не е изводливо“, истакна Палмарсон.
Ист е ставот на оваа тема и на Дувњак, кој има напорна сезона по настапите за Кил во Бундес-лигата и во Лигата на Шампионите.
„Желбата е едно, но овојпат распоредот на натпревари на клупски план е неверојатен. Ризикот од патување и играње во Египет е огромен“, предупредува Хрватот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

