Тоти сака да биде како Малдини

Рома сака да го врати Франческо Тоти во клубот, откако американскиот бизнисмен Ден Фридкин минатото лето ја купи „римската волчица“ за 591 милиони долари. Новите газди сакаат да ги придобијат навивачите на своја страна, а камбекот на најголемата клупска легенда е идеален за такво нешто.

Самиот Тоти изјави дека по заминувањето на поранешните газди би сакал да се врати назад во Рома, а преговорите се почнати уште пред триесетина дена. На „принцот на Рим“ му била понудена една од водечките функции во клубот, но не се обелоденува за што точно станува збор.

Тоти бил дециден во својот став, дека сака да има значајна улога во функционирањето на Рома и никако нема да дозволи да биде тргнат на страна и да биде користен само за добар имиџ на клубот. Конкретно, тој побарал функција на технички директор, но со овластувања какви што има Паоло Малдини во Милан, односно со можност да учествува и во преговорите за трансфери.

Останува да се види како ќе завршат преговорите, но нема сомнеж дека Рома ќе добие многу со камбекот на клупската легенда.

Се вчитува...