Екипата на КЛ7 продолжува со одличните настапи во Супер-лигата. Вчерашниот триумф во Струмица над Астраион беше трет во низа за избраниците на Андон Бошковски, со што овој млад состав потврдува дека поседува сериозен ракометен потенцијал.
„Знев дека ќе победиме пред мечот, од проста причина што сум свесен колку сериозно работиме на тренинзите, додека Астраион не беше во тренажен процес. Секако дека сум задоволен што стигнавме до бодовите, но не ми се допадна она што го видов на теренот, начинот на кој триумфиравме иако во раната фаза стигнавме до убедливо водство. Сепак, ние сме млад тим што дополнително ќе расте како што ќе одминува сезоната“, изјавува Бошковски за ЕКИПА.
Десетте освоени бода во првиот круг на натпреварувањето го вклучија КЛ7 меѓу сериозните кандидати за прите три места во групата кои водат и во плејофот.
„Резултатите секако ни одат во полза, но пред нас се уште шест натпревари на кои ќе мораме да покажеме добра игра. Ова е млад тим и најважно од се е да се остане смирен. Играчите мора да останат со нозете цврсто на земја, нема причина за летање во облаци бидејќи имаме одиграно само половина од првиот дел од натпреварувањето во Супер-лигата. Пред нас се нови предизвици на кои ќе одговориме само доколку продолжиме да даваме 100% од себе на секој тренинг, на секој натпревар“, порачува искусниот стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА