Пролет се врати во победнички ритам во Супер-лигата, но управата на скопскиот клуб планира дополнително да го засили тимот за со зголемени амбиции да влезе во натамошниот дел од сезоната. Црногорскиот репрезентативец Жарко Пејовиќ е на чекор до потпис со тимот на Никола Матлиески, со што искусниот бек веднаш би му се ставил на располагање на стручниот штаб и ќе настапува за Пролет од почетокот на вториот круг од Супер-лигата, но и потоа во текот на плејофот.
Пејовиќ е искусен ракометар кој има богата интернационална кариера, а има настапувано и во македонскиот шампионат, во дресот на Вардар. Тој на почетокот од кариерата беше дел од Црвена Звезда, една година мина и во дресот на Спортинг Лисабон. Црногорскиот бек настапуваше и за францускиот прволигаш Данкерк, неколку сезони мина во Татран Прешов, а го носеше и дресот на Горење Велење во словенечкиот шампионат.
Тој ја мина ланската сезона во израелското првенство како член на Хапоел Ашдод, а иако имаше понуда да се врати во оваа земја, Пејовиќ на крајот реши да се врати назад во Македонија и да го облече дресот на Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА