Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (20.45 часот) го имаат најтешкото гостување во Лигата на Европа, дуел во Манхајм против поранешниот германски првак Рајн-Некар Левен. „Лавовите“ досега имаат одиграно само еден натпревар во ЛЕ, славејќи на гостувањето против ГОГ Гудме. Наспроти нив, „пелистерци“ имаат две средби, пораз од ГОГ и реми со Шафхаузен, но Жељко Бабиќ очекува добро издание на своите избраници на пресметката со ракометниот гигант од Германија.
„Бевме под корона во минатиот период, но мене не ме загрижува падот во вториот дел од натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Тоа е нормално. Игравме добро во првиот дел, водевме, но потоа паднавме физички и не издржавме. Момците дадоа што имаа, но нетренирањето и коронавирусот оставија трага. Што се однесува до натпреварот во Германија, Рајн Некар Левен е фаворит, силна екипа и лидер во Бундеслигата. Но, јас се радувам на натпреварот, нам ни е страшно важно да играме, не треба да заборавиме дека сме потполно во контра ритам. Немаме натпревари, не трениравме и нам сè ни е добро, без разлика што Рајн Некар Левен е силен тим“, вели тренерот на Пелистер, Жељко Бабиќ.
Домашната екипа се соочува со проблеми поради повредите на двајцата голмани Апелгрен и Палицка, поради што на голот вечерва се очекува да стартува ветеранот Кациганис. Дополнителна главоболка за стручниот штаб се отсуствата на Баена, Грецки и на Петерсон, но лоша вест за „пелистерци“ е што во тимот на Рајн-Некар Левен токму за овој натпревар се враќа пивотот Колбахер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА