Победи во „фото-финиш“ на Челси и на Севилја

Челси и Севилја се на делба на врвот од табелата од групата Е од Лигата на Шампионите откако лондонскиот премиерлигаш вечерва славеше со 1-2 на гостувањето против Рен, додека Севилја славеше со идентичен резултат на гостувањето против Краснодар. Двете средби беа решени во судиското продолжение, кога искусните гостински тимови успеаја да ги постигнат головите за победа, кршејќи ги срцата на домашните фудбалери.

Англискиот премиерлигаш одлично го почна мечот, Тимо Вернер промаши зицер во 4. минута, но „сините“ поведоа преку Хадсон Одои. Сепак, Рен заигра далеку подобро во второто полувреме и заслужено стигна до израмнување во самиот финиш преку Жираси, прв примен гол на Челси во Лигата на Шампионите оваа сезона. И кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, во судиското продолжение Вернер промаши уште еден зицер, но овојпат Жиру се најде на вистинското место и ја смести одбиената топка во мрежата.

Иван Ракитиќ со прекрасен удар од дваесетина метри донесе предност на Севилја во Русија, но Краснодар израмни преку  Вандерсон во 56. минута. Русите тргнаа да постигнат и втор гол, но шпанскиот тим го казни тоа во 95. минута кога Мунир го постигна голот за победаа.

Со овие победи Челси и Севилја го осигураа пласманот во осминафиналето, а во преостанатите две кола им останува само борбата за првото место во групата.

Се вчитува...