Вардар молчи, Киелце открива: Коронавирусот се врати меѓу „црвено-црните“

Коронавирусот се врати во таборот на Вардар, но тоа не беше официјално објавено од страна на актуелниот македонски првак, туку од екипата на Киелце.

Имено, полскиот шампион, кој пред неколку дена се сретна со „вардарци“ во рамките од Лигата на Шампионите, на својата официјална веб-страница обелодени дека го одложува својот следен меч од полскиот шампионат, и тоа поради позитивни случаи во редовите на Вардар. Полјаците биле известени од “вардарци“ дека четири од ракометарите кои настапиле во Киелце сега се позитивни на Covid-19, па огромни се шансите за заразени играчи и во тимот предводен од Таланд Душебајев.

„Со одлука на ПГНИГ Супер-лигата, нашиот гостински натпревар против Ломжа закажан за сабота, нема да се одигра. Киелце денеска доби информација за четири позитивни случаи на коронавирус меѓу играчите на Вардар, против кои игравме на 25 ноември“, објави Киелце на официјалната веб-страница.

По најновата ситуација, огромни се шансите дека ќе биде одложен и следниот натпревар на „вардарци“ во Лигата на Шампионите, на домашен терен против ПСЖ.

Се вчитува...