Македонската репрезентација денеска со дуелот против Италија (15 часот) ќе го почне настапот во „балонот“ во Талин, во обид да стигне до првата победа во овој квалификациски циклус. Проблемите со составот со кој се соочи стручниот штаб беа огромни, па огромен товар во играта повторно ќе падне врз капитенот Војдан Стојановски.
„Пред секој репрезентативен собир се соочуваме со проблеми, никако не успеваме да се комплетираме и да одиграме во полн состав. Истото е случај и овојпат, ни недостигаат кошаркари поради корона и поради повреда. Ние сме мала земја, секој играч ни е многу важен и проблемите со кои се соочивме во изминатиот период сигурно ќе се одразат врз нашите настапи. Тоа секако не ни влијае врз мотивацијата, ќе сториме се за да одиграме што подобро на овие две средби, да се обидеме да стигнеме до најмалку една победа“, вели Војдан за ЕКИПА.
Прв ривал е Италија, селекција што во овие квалификации настапува со крајно подмладен состав, без ниту една од „ѕвездите“ на „аѕурите“, но и со таков ростер веќе успеа да ги совлада Русија и Естонија.
„Исклучително се опасни, играат многу брза кошарка. Целата игра им се врти околу бековите, кои лесно креираат ситуации, а воедно и се многу прецизни во обидите од далечина. Високите кошаркари им играат заедно во Виртус, па таа соработка од клупски план ја пренесуваат и во репрезентацијата. Никако не смееме да влеземе во нивниот ритам, ќе мораме да ги користиме максимално шансите што ќе ни се укажат“, истакнува македонскиот капитен.
Денешниот натпревар воедно ќе биде и деби во националниот тим за новиот Американец, Џејкоб Вајли.
„Нема сомнеж дека во Вајли добиваме огромно засилување. Станува збор за модерен центар, играч што подеднакво добро се снаоѓа и како „петка“, но и како „четворка“, што одлично се движи во транзиција и знае како да го затвори рекетот. Тој ќе ни биде од голема помош за да се прикажеме во што подобро светло“, изјавува Војдан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА