Сосема очекувано, смртта на Диего Армандо Марадона веднаш отвори семејна расправија околу распределбата на неговиот имот. Марадона зад себе остави пет деца, признати од негова страна, но и уште шест кои тврдат дека им е татко докажувајќи го тоа сите изминати години.
Марадона призна два сина и три ќерки од четири различни жени, меѓу кои и првата сопруга Клаудија Вилафане и поранешната долгогодишна партнерка Вероника Оједа. Џанина Марадона, една од двете ќерки на поранешниот фудбалер од Вилафане, минатата година се шегуваше во јавноста откако беше обелоденето дека има и три деца во Куба.
„Ајде, ни недостасуваат уште три деца да се јават во светот за да дојдеме до 11, да составиме еден тим. Го можеш ти тоа“ – порача тогаш низ шега Џанина.
A, 30-годишната Џанина е една од двете ќерки на Марадона, покрај 32-годишната Далма, од првиот брак со Клаудија Вилафане. Го има седумгодишниот син по име Диего Фернандо од поранешната девојка Вероника Оједа.
Се јавуваат деца од разни страни на светот
Во 2018 година, Диего Армандо Марадона го призна и својот син Диего Јуниор од Неапол, кој е роден по вонбрачната врска со италијанската манекенка Кристина Синагра, а ја призна и 23-годишната Јана која е од Валерија Сабалаин.
Минатата година и 23-годишната Аргентинка, Магали Гил почна правна постапка за да докаже дека е ќерка на Марадона, истакнувајќи дека израснала во дом но и од таа институција и навеле дека нејзиниот татко може да биде Диего Армандо Марадона.
„Јас израснав во дом, но мојата биолошка мајка контактирајќи ме во 2019 година ми кажа дека мојот татко е Марадона. Таа не смеела претходно да зборува. Затоа сега го молам Диего да направиме ДНК тест. Сакам само да ја знам вистината“ – изјавуваше минатата година Магали Гил.
Претходно и Сантијаго Лара, јавно проговори дека е син на Марадона, кој бил во кратка врска со неговата мајка, келнерка од Ла Плата, а која починала на 26 години од рак на белите дробови.
„Мојот татко е Марсело Лара, тој што ме одгледа. Но, кажано ми е дека мојот вистински татко е наводно Диего Марадона. Не е лесно да се будам наутро со тоа чувство“ – изјави Сантијаго.
Интересно, веќе се појавија и три деца на Марадона од Куба, Јоана, Лу и Хавиелито. Тројцата се родени откако Марадона се пресели на карипскиот остров во 2000 година за да се лекува од зависноста од дрога и алкохол. И неговиот адвокат, Матијас Морла, во 2018 година призна дека аргентинскиот ас сакал да се забавува на Куба, па можно е да се појават многу наследници.
На сметка едвај 100.000 долари
Огромни се полемиките во моментот кој се е запишан во тестаментот на Марадона, за кој се тврди дека постои. Иако самиот Диего претходно во многу наврати тврдеше дека се што има ќе донира, а нема да остави на своите деца.
Сепак, и според последните информации, неговиот опуштен живот, дрога, алкохол и жени, го довело до тоа да го загуби речиси целото заработено богатство, па на крајот, освен имотот, да има на банкарска сметка едвај околу 100.000 долари.
Властите во Италија тврдат дека на државата и долгува за данок и сума од 37 милиони евра, од кои 23 милиони се камати. А не е тајна дека за време на својата играчка кариера заработи огромни пари. Како фудбалер на Барселона заработувал по два милиони долари по сезона, а потоа како фудбалер на Наполи, низ осум сезони, по околу три милиони долари по сезона што денес е рамно на плата од околу 26 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА