Операција на черепот: Раул Хименез се спаси од најлошото

Вулверхемптон прескапо ја плати победата над Арсенал, откако на самиот почеток од мечот тешка повреда на главата заработи Раул Хименез. Мексиканскиот голгетер настрада при еден воздушен дуел со Давид Луиз, веднаш стана јасно дека ситуацијата е крајно сериозна бидејќи Хименез лежеше неподвижно на теренот, додека лекарите на двата тима му укажуваа помош.

Тој веднаш бил пренесен во болница во Лондон каде по деталните прегледи му била извршена операција на черепот, а утрово со соопштение за здравствената состојба на Хименез се јави и неговиот клуб Вулверхемптон.

„Раул се чувствува добро по синоќешната операција, што му беше извршена во болница во Лондон. Тој веќе ја виде својата партнерка Даниела и сега му следи период на одмор. Во следните денови ќе остане под лекарски надзор, по што ќе го почне процесот на рехабилитација. Сакаме да му се заблагодариме на медицинскиот персонал во Арсенал, на брзата помош, болничкиот персонал и на хирурзите, кои за така кратко време ни беа од огромна помош. Исто така, замолуваме за период на приватност за Раул Хименез и неговото семејство“, се вели во соопштението на Вулверхемптон.

Се вчитува...