Интер остана во живот, Атлетико не го искористи “одморот“ на Баерн

Интер останува во игра за пласман во осминафиналето од Лигата на Шампионите откако „нероаѕурите“ вечерва триумфираа на гостувањето против Борусија Менхенгладбах со 2-3. Само три бода ги оставаше избраниците на Антонио Конте во игра за едно од првите две места во групата, а „нероаѕурите“ одговорија на предизвикот предводени од одличниот Ромелу Лукаку, кој постигна два гола во второто полувреме. Мора да се истакне и дека италијанскиот вицепрвак имаше многу среќа бидејќи Борусија постигна гол за 3-3, но истиот беше поништен поради пасивен офсајд на еден од домашните напаѓачи.

Интер сега се наоѓа во ситуација со триумф во последното коло дома против Шахтјор да стигне до осум бода, но за пласман во осминафиналето ќе треба да се крсти да нема реми на вториот меч од групата, меѓу Реал Мадрид и Борусија Менхенгладбах.

Баерн Минхен без повеќе од половина тим отпатува на гостувањето против Атлетико Мадрид, но европскиот првак успеа да остане непоразен на „Ванда Метрополитано“. Жоао Феликс му донесе водство на домашниот состав, а Томас Милер од пенал ја скрати радоста на домашниот состав. Со двата загубени бода Атлетико се уште е без осигуран пласман во осминафиналето, за што на „пулените“ на Симеоне ќе им биде доволен еден бод во последното коло, на гостински терен против Шахтјор.

Ливерпул славеше со 1-0 над Ајакс и го осигура првото место во групата. Младиот Куртис Џонс беше стрелец на победничкиот гол по големата грешка на гостинскиот голман Онана. Аталанта не успеа да ја оправда фаворитската улога против Митјиланд, играјќи само 1-1 во Бергамо против аутсајдерот во групата.

 

Се вчитува...