Барса стана апсолутен рекордер во Лигата на Шампионите

Барселона се соочи со големи проблеми, но сепак успеа да триумфира на незгодното гостување против Алборг со резултат 32-35. Данците до три минути пред крајот имаа израмнети 32-32, но Циндриќ во финишот даде два, а Палмарсон еден гол, за нов триумф на каталондскиот гигант. Палмарсон го заврши мечот како прв стрелец на Барса со шест погодоци, пред Циндриќ и Нгесан со по пет постигнати гола.

Каталонците со триумфот уште повеќе се зацврстија на врвот на својата група, но што е уште поважно, успеаја и да урнат два неверојатни рекорди на врвниот европски ракомет.

Имено, Барса стана првиот тим во Европа што врзал 21 победа во Лигата на Шампионите. Серијата почна на 14 септември 2019, трае се уште, со што Барелона успеа да го надмине неверојатното остварување на Сиудад Реал, клуб што во периодот од 23 октомври 2005 до 4 март 2007 година имаше дваесет победи во низа. На оваа топ-листа се наоѓа и Вардар, и тоа на делба на деветтото место заедно со Монпелје и Бидасоа Ирун. „Црвено-црните“ имаа осум победи во низа во периодот од 12 март до 7 октомври 2017 година.

Воедно, серијата на Барселона е и најдолга низа на натпревари без пораз во Лигата на Шампионите. И овде меѓу топ-клубовите има место за Вардар, кој во оваа категорија се наоѓа на петтото место во историјата на европскиот ракомет, откако одигра 15 средби без пораз од 12 март 2017 до 10 февруари 2018 година.

Се вчитува...