Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.
======================================================================================
ТИМ НА 14. КОЛО
Шкендија ја доби најзначајната дерби-пресметка во есенскиот дел од шампионатот, со што отворено ја најави определбата за освојување на шампионската круна во новата сезона. Убедлив триумф на тетовци против Македонија ЃП. Се уште во чекор ги следи Шкупи со победата над Беласица, а конечно по 80 дена до победа во првенството дојде и Работнички славејќи против Пелистер кого го чека тешка битка за опстанок. Борец со пресврт дојде до значаен триумф против Струга ТЛ.
=====================================================================================
ИГРАЧ НА КОЛОТО – Бесарт Ибраими (Шкендија)
Бесарт Ибраими уште еднаш покажа зошто е најдобриот фудбалер последната деценија во македонскиот фудбал. Го предводеше својот тим до убедлив триумф од 5-0 над Македонија ЃП во дербито на 14. рунда во домашниот шампионат. Целата задача ја заврши речиси самиот со две извонредни асистенции и еден гол во првото полувреме кога и беше решен победникот на дербито.
=====================================================================================
ТРЕНЕР-ПРАГМАТИЧАР НА КОЛОТО: Ернест Ѓока (Шкендија)
Шкендија одигра одличен меч во кој го лесно ги совлада „лавовите“ и ја потврди кандидатурата за освојување на титулата. Беспрекорна „тактичка постановка“ на Ѓока кој неочекувано без поголеми проблеми уште во првиот дел го реши противникот.
=======================================================================================
ТРАГИЧАР НА КОЛОTO: Марко Мартинага (Вардар)
Вардар и покрај тоа што имаше цело полувреме играч повеќе, загуби на гостувањето во Кратово кај Силекс со 1-0. А, поразот следеше по грешката во одбраната на хрватскиот интернационалец Марко Мартинага кој неспретно реагираше во 51. минута сервирајќи му топка на Денис Ристов на кого од непосредна близина не му беше тешко да постигна погодок. Вардар на дуелот беше сериозно ослабен и со неиграњето на двајцата мотори во средниот ред Мицевски и Најденов.
=======================================================================================
ГОЛ НА КОЛОТО: Никола Прелчец (Борец)
Офанзивецот на Борец, Никола Прелчец ја одбележа со прекрасен погодок победата од 2-1 против Струга ТЛ. Голот со одличен шут во 74. минута се издвојува и по значење затоа што во клучен момент, на асистенција на Оливер Пеев, донесе израмнување на натпреварот отворајќи го потоа и патот до победата за велешани.
=======================================================================================
ФОТО НА КОЛОТО: Каде оди Пелистер!?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА