Македонската репрезентација е именувана за прва резерва за претстојното Светско првенство што во јануари треба да се одржи во Египет. ИХФ денеска го објави целокупниот протокол за натпреварување, при што е оставена можност и некоја од 32-те земји учеснички да не допатува во Египет.
„Во случај селекција што се квалификувакала и го потврдила учеството на СП не е во можност да учествува поради закон во државата или рестрикции при патувањето, од причини поврзани со Covid-19, ќе се случи следното: Резервна репрезентација ќе биде повикана и ќе го заземе местото на селекцијата што не е во можност да патува“, се вели во протоколот на ИХФ.
Како прва резерва наведена е Македонија, селекција номинирана од ЕХФ како 15. пласирана на последниот европски шампионат.
Засега нема конкретна најава за откажување од некоја селекција, но со оглед на секојдневните промени на ситуациите со коронавирусот лесно може да се случи да се отвори вратата за Македонија. Бразил е една од репрезентациите што најмногу „виси“ откако ракометната федерација во оваа земја го загуби финансирањето од олимпискиот комитет, со што сериозно се компликува патот до Египет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА