Пелистер ја покажа моќта – слатка одмазда против Тримо

Еурофарм Пелистер ја забележа првата победа во Лигата на Европа, триумфирајќи на денешниот дуел во Битола против Тримо Требње со убедливи 33-26. Избраниците на тренерот Бабиќ одиграа онака како што најавија, ги отстранија грешките од минатонеделниот дуел во Словенија со истиот ривал, доминираа на теренот од 15. минута па се до самиот крај, покажувајќи дека овој тим поседува далеку поголем потенцијал од она што го прикажа на досегашните средби од европските натпреварувања.

Словенците имаа минимална предност во неколку ситуации на почетокот на мечот, за Еурофарм Пелистер за првпат да поведе во 7. минута, со голот што од контранапад го постигна Маџовски (5-4). Мандалиниќ постигна три гола во првите десет минути, Чаневски одбрани седмерец при 7-6, но „пелистерци“ да се одлепат на повеќе од еден гол разлика (8-8 во 14. минута). Како што одминуваше времето играта на македонскиот вицепрвак добиваше на сигурност, гостите од Словенија промашија уште еден пенал, по што Мандалиниќ од седум метри донесе предност од „плус три“ (14-11), принудувајќи го Зорман на тајмаут. Словенците беа тотално исфрлени од ритам, па Маџовски погоди уште еднаш, овојпат од сопствената половина за 15-11, по што Кушан стрелаше од пивот за „плус пет“.

На одмор се замина со резултат 20-14, а Еурофарм Пелистер продолжи да го контролира резултатот. Кукоски заработи исклучување, но и со играч помалку одбраната функционираше добро, па по новиот гол на Маџовски од контранапад, Зорман беше принуден на тајмаут при резултат 24-17. Битолчани продолжија со доминацијата, следеше и осми гол на Мандалиниќ, по што избраниците на Бабиќ рутински го приведоа мечот до крај, славејќи на крајот со убедливи 33-26.

Стипе Мандалиниќ одигра извонреден натпревар постигнувајќи 11 гола од исто толку обиди, шест постигна Кушан, а по четири пати прецизни беа Маџовски и Граџан.

Се вчитува...