Интензивно течат активностите околу изградбата на новата трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Веќе стартуваше и поставувањето на кровната челична конструкција, како заокружување на проектот кој е дел од активностите на ФФМ за подобрување на фудбалската инфраструктура во општините во Македонија со поддршка од УЕФА и програмата за развој.
Според проектот за стадионот во Охрид предвидено е трибината да има капацитет од 1.500 седишта, од кои во централниот дел ќе бидат ВИП местата, а предвидено е да има коментаторска кабина и простор за ТВ камери.
Во долниот дел од трибината предвидени се административните простории, соблекувални, просторија за официјални лица, потоа за допинг контрола и лекарски прегледи, како и останати придружни простории.
„Инфраструктурата е тоа што ќе остане, верувам дека тој начин на размислување и делување во вистинска смисла го сфаќаат сите кои се вклучени во оваа работа. Искрено се надевам дека тоа ќе го направиме според договореното и согласно нашите и принципите на УЕФА. Наша единствена цел со ваквиот тип на проекти е да овозможиме услови какви што заслужуваат тимовите, гледачите и репрезентацијата“ – истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, по потпишувањето на договорот за изградба и реконструкција на стадионот во Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА