Дејан Митровски – Урко e реизбран на претседателската функција, со негов втор мандат, на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија.
На Собранието кое се одржа во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје Митровски со мнозинство гласови од присутните делегати повторно е избран на претседателската функција, а Драган Атанасовски повторно е избран за генерален секретар на федерацијата.
На Собранието на кое присуствуваа 15 од 18 делегати, 11 придружни членки како и претставник на Агенцијата за млади и спорт, беа избрани и членови на Управниот одбор на КМФМ, како и членови на Надзорниот одбор на КМФМ.
„И овој пат се кандидирам за претседател на КМФМ пред се затоа што сметам дека работата која што ја започнав е успешна и се уште не е завршена и дека можам да дадам уште и подобри резултати. Самите сме сведоци на тоа каде и какви бевме порано, каде и какви сме сега. Но, секако можеме уште, можеме повеќе и можеме подобро! Зад мене стојат големи спортски достигнувања, најпрво како натпреварувач и репрезентативец на оваа федерација, подоцна како тренер, член на управен одбор, селектор, претседател и секако како еден од основачите на кикбокс-федерацијата. Моето спортско досие е доказ за мојата долгогодишна усешна и напорна спортска работа и залагање. Сметам дека иако сме дел од еден поединечен спорт, ние сме тим и понатаму треба да работиме тимски во интерес на спортот, натпреварувачите, младината и секако татковината“ – истакна Митровски по повторниот избор за прв човек на Кик-бокс федерацијата.
Дополнително како план за идни активности во новиот мандат претседателот Митровски истакна дека ќе се залага за уште поголеми достигнувања на европските и светски ВАКО и ИФМА првенства, помногубројна репрезентација и повеќе медали, учество на Европските олимписки игри 2023 година. Акцент ќе се стави на едукација на судии, подготовки и заеднички клубски тренинзи за натпреварувачи, со цел јакнење и подобрување на комуникацијата и искуството на натпреварувачите и тренерите. И секако целта е да се привлечат повеќе компании – спонзори и да се докаже дека кикбоксот како спорт е повеќе од успешен спортски амбасадор и атрактивен за компаниски финансиски поттикнувања!!!
Седницата на Собранието се одржа со почитување на протоколите за заштита од вирусот, со безбедна дистанца, мерење температура, носење маски и средства за дезинфекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА