Првото полувреме, кобно за Пешевски и Штутгарт

Жарко Пешевски и Штутгарт влегоа во резултатска криза на крајот од оваа календарска година, губејќи го и третиот натпревар во низа во Бундес-лигата. Вечерашниот домашен дуел со Бергишер важеше за меч што Штутгарт треба да го добие, но Пешевски и соиграчите повторно потфрлија, претрпувајќи пораз од 26-30.

Како клучно се покажа првото полувреме во кое гостите целосно доминираа, на одмор заминувајќи со убедливи 12-18. Штутгарт заигра нешто подобро во второто полувреме, но тоа не беше доволно за целосен камбек, па седмиот овосезонски пораз беше неизбежен.

Македонскиот репрезентативец го заврши мечот со два гола од исто толку обиди, но имаше и три загубени топки. Најефикасен на натпреварот беше гостинскиот ракометар Стуцке со седум погодоци.

Се вчитува...