Еден од најпризнатите и најпрепознатливи македонски тренери Благоја Милевски отворено во интервјуто за ФФМ ја најавува желбата за преземање на сениорската репрезентација на Македонија. Творецот на „златната генерација“ е горд и на последниот успех на неговите момци со А-тимот кои повторно го носат македонскиот фудбал на Европско првенство.
ВТОРОТО МЕСТО ВО ОВИЕ КВАЛИФИКАЦИИ Е РАМНО НА ПЛАСМАНОТ НА ЕП 2017
Последниот квалификациски циклус и „административната“ одлука која неговата генерација ја чинеше нов пласман на Европско првенство, покажа уште еднаш дека ништо не е случајно кога е Боби Милевски во прашање. Ако можеби некои оставија и на случајноста и среќата како прикриени фактори за пласман на ЕП 2017, начинот на кој младите го одиграа последниот квалификациски циклус и второто место во групата само уште еднаш ја потврдија оправданоста на епитетот „Сер Боби“ за Милевски кој го издвојува во македонскиот фудбал.
„Македонија изминатиов квалификациски циклус го почна од четвртиот шешир. Во група со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан…, пред стартот на квалификациите бевме свесни дека првото место е тешко да се освои. Но, убаво е да се потсетиме дека реализирање на само еден од двата пенали, и против Шпанија, за нас ќе значеше и пласман на ЕП. А, доколку не се променеше системот за пласман на ЕП поради пандемијата, ако останеше согласно системот утврден пред стартот на квалификациите, ние обезбедивме бараж со второто место. УЕФА на сред квалификациски циклус го промени начинот на натпреварување, го укинаа баражот, и тоа секако носи горчина затоа што ни ја скратија можноста за пласман на Европско првенство. Но, второто место во овие квалификации во една таква група, е рамно на успехот со пласманот на ЕП 2017. Ако погледнете со кои фудбалери настапуваат младите репрезентации, низ сите овие циклуси на наша игра против една Франција, Шпанија, Шкотска, Украина…, кои играат со веќе високо профилирани фудбалери од врвна класа, тогаш успешното минување на квалификации за У-21 сигурно е веќе огромен успех во кариерата и огромно искуство кое се стекнува за сениорската иднина на самите играчи“ – вели Милевски.
Ако се споредат генерацијата која Милевски ја водеше до ЕП 2017 со оваа последната?
„Двете генерации се тотална спротивност, и како личности и како фудбалери. Друг тип на карактери, друг тип на фудбалери, иако факт е дека и тоа како и сега имаме силно талентирани фудбалери. Од најновата генерација, одговорно тврдам, дека имаме веќе сосема изградени пет до шест фудбалери комплетно подготвени да одговорат на предизвиците и на А-репрезентацијата“.
По враќањето од Израел се одлучивте да ја преземете повторно младата репрезентација, иако можеби за очекување следствено можеби беше најуспешниот македонски тренер тогаш да продолжи скалило повисоко кон сениорската селеција.
„Во период кога се вратив од Израел и ја преземав по вторпат репрезентацијата на Македонија до 21 година иако имав понуди и од клупскиот и од репрезентативниот фудбал, сепак сметав дека ми треба предизвик кој ќе ги исполни сите мои очекувања, план за работа, визија, каде сакате да бидете за 5-6 години… Доколку не најдете такво нешто, тогаш за мене нема вистински предизвик. Иако имав понуда и да преземам сениорска репрезентација од Африка, во тој момент проценив дека млада репрезентација е единствениот колектив кој можам да го водам онака како што сакам, на вистинскиот начин. Сите добро знаат дека јас импровизации не трпам, не сум човек кој што прифаќа ангажман по секоја цена. Во тој период секако немав понуда да бидам селектор на А-репрезентацијата. Но, јас не кријам, ниту сум криел претходно дека еден ден сакам да бидам селектор на А-тимот. За секој тренер во земјава е крајна цел да биде селектор на својата држава. Јас тоа го кажав и пред враќањето на селекторската функција до 21 година“.
Дали можеби нареднава година се гледате на чело на А-селекцијата на Македонија?
„Познавајќи ја визијата на ова раководство на ФФМ, познавајќи ја нивната стручност и професионалност верувам дека како ќе се одвива мојата тренерска кариера, мислам дека ќе донесат правилно решение. Посебно затоа што мене ми завршува договорот на крај на февруари, а што ќе биде понатаму – ќе видиме. Можеби звучи нескромно, но јас лично секогаш разговарам за моите планови и амбиции директно и без влакна на јазикот. Лично секогаш сум отворен со моите работодавачи, во конкретниов случај ФФМ околу моите визии, и начинот на работа, и оваа прилика ја користам да се заблагодарам за се она што федерацијата овозможи периодов за нас во младата репрезентација. Но, ништо не зависи од мене, мое е да си ја работам работата најпрофесионално и најстручно што знам и умеам, а ќе видиме што ќе донесе времето“ – вели Милевски.
ФФМ за првпат изминатиов период овозможи третман на селекцијата до 21 година безмалку како и А-репрезентацијата.
„Да, затоа е и благодарноста до раководството на ФФМ. Од услови за работа, преку тренажен процес, најдобри сместувачки капацитети каде и да одиме, а сето тоа поткрепено со чартер летови на сите гостувања. Нешто што не било пракса никогаш за У-21. Ова се стандарди кои се поставени од актуелното раководство, и кои мислам дека ќе се користат и во иднина“.
ГОРД СУМ ШТО 10 ДО 12 ФУДБАЛЕРИ ОД ЕП 2017 СЕГА СЕ НОСИТЕЛИ ВО А-ТИМОТ
По големиот успех со генерацијата која не одведе на ЕП 2017 (не)очекувано се одлучивте да прифатите клупски предизвик во израелски Ашдод.
„Ашдод за мене беше еден предизвик пред се од емотивна гледна точка, затоа што минав прекрасни денови како фудбалер во тој тим. Истите луѓе во клубот се и сега, бев прекрасно примен од израелскиот народ, па кога го добив повикот од сопственикот на клубот да бидам нивни тренер прифатив без размислување затоа што ме водеа емоциите. Разговаравме со сопственикот, и ме привлекоа неговите идеи. Но, сите тие ветувања, идеи и визии траеја само неколку месеци. И покрај тоа што го имавме најдобриот старт во историјата на клубот, не се најдовме во фудбалската визија. Мојата остана иста, но се променија на сопственикот па мојата фудбалска етика не ми дозволи да продолжам понатаму“.
Боби Милевски во Македонија, се разбира со комплетна поддршка на секторот за младински развој во ФФМ, е препознатлив по создавањето млади фудбалери кои потоа претставуваат темел на сениорската репрезентација.
„Единствениот начин, според мене, да создадете фудбалер кој ќе биде максимално конкурентен за А-репрезентацијата е играчот да го мине комплетниот генерациски циклус, како фудбалски така и социјално погледнато. Ако не го направи тоа не можеме од него да очекуваме квалитетни перформанси кога ќе дојде сениорскиот период. Не се согласувам со начинот на работа одреден број фудбалери од младата селекција среде циклус да се прекомандуваат од младата кон сениорската репрезентација. Тој систем на ‘оди ми – дојди ми’ не може да донесе ништо добро ниту за една од селекциите, ниту пак за македонскиот репрезентативен фудбалер воопшто. Во оној циклус пред пласманот на ЕП 2017, тогаш така беше договорот и со тогашното раководство на ФФМ, да ги остават сите фудбалери во служба на У-21. И го видовме кој е резултатот, од таа генерација од 2017 година денеска 10 до 12 играчи се носители во А-репрезентација. Па затоа, одговорно тврдам, дека базата на сегашната А-репрезентација е направена во 2016, 2017 година“.
Сето тоа го прави Милевски исполнет до крај, како доказ за добрата работа со „златната генерација“.
„Па, секако. И тоа не е радост само за мене, туку тоа е успех и на целата логистика која е околу репрезентацијата. До таков успех, секако не може да дојдете ако ја немате максималната поддршка од раководството на федерацијата. Дополнение за мене како селектор е овој пласман на ЕП, затоа што десетина фудбалери веќе почувствувале што е тоа Европско првенство, тие патот до ЕП веќе го минале, и секако сега се чувствувам не само горд, туку и исполнет до крај што остварија пласман на големо натпреварување и со А-тимот. Секако, огромен е уделот тука на Горан Пандев, и тоа не треба да се нагласува, како и на поискусните како Несторовски, Алиоски, Адеми, Стефан Ристовски… Се создаде добар спој на тие млади и поискусни репрезентативци“.
ОД СРЦЕ ИМ ПОРАЧУВАМ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ ДА УЖИВААТ НА ЕП 2020
На престојното Европско првенство 2020, Македонија е во група со Холандија, Австрија и Украина. Што можеме да очекуваме од настапите во Букурешт и во Амстердам следната година?
„Пред се посакувам играчите да бидат во добро здравје, да бидат од тој аспект подготвени и од срце порачувам на Европското првенство да уживаат како награда за сето тоа што го сработија низ квалификациите во Лигата на нации. Индивидуален квалитет поседуваме и тоа како голем. Познавајќи ги нивните квалитети и погледнувајќи каде настапуваат, во најсилните европски лиги, а знаејќи го и нивниот карактер, сигурен сум дека имаме индивидуален квалитет и потенцијал да бидеме конкурентни во таа европска конкуренција“ – истакнува Благоја Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА