Резултатската криза на Анадолу Ефес во Евролигата уште повеќе се продлабочи откако турскиот првак загуби во Истанбул од Реал Мадрид со 65-73, четврти пораз за избраниците на Атаман во последните пет евролигашки средби. Ефес одигра на посакуваното ниво само во првата четвртина (20-13), во остатокот од мечот се играше израмнето, за во финишот Керол со две прецизни тројки да стави печат на победата на гостите од Мадрид. Козер со 15 и Томпкинс со 13 поени беа најефикасни кај „кралевите“, кои експресно се опоравија од поразот од Барселона во шпанското првенство од пред два дена.
Химки останува закован на последното место на табелата по поразот на домашен терен од Олимпијакос (88-105), деветти евролигашки неуспех во серија за рускиот клуб. Грчкиот гигант го доби мечот благодарение на одличната трета четвртина што „црвено-белите“ ја добија со 14-27, а најефикасни во победникиот тим беа Слукас со 25 и Везенков со 19 поени.
Зенит како гостин го изненади Макаби во Тел Авив со 72-78, меч на кој најефикасен беше домашниот кошаркар Скоти Вилбекин со 18 поени.
Алба загуби на домашен терен од Жалгирис со 71-74, додека во шпанското дерби Басконија ја совлада Валенсија со 71-70, иако гостите по првата четвртина имаа водство од убедливи 17-30.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА