Ждрепка за ракометниот плејоф: Вардар тргнува против Пелистер 2, Металург со скопско дерби

Вардар ќе ја стартува одбраната на домашната титула со дуел во својата сала против вториот тим на Еурофарм Пелистер 2, беше утврдено со денешната ждрепка што беше одржана во просториите на Ракометната Федерација на Македонија.

Во плејофот во лигашки систем ќе разигруваат осум екипи, трите најдобри од двете суперлигашки групи заедно со Вардар и Еурофарм Пелистер, кои се вклучуваат директно во завршната фаза од натпреварувањето.

За очекување е жестока битка меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер во трката за шампионската титула, „вардарци“ во првото коло ќе се сретнат со вториот тим на битолчани, додека првата екипа на „фармацевтите“ во стартната рунда ќе биде голем фаворит на домашен терен против Струга.

Металург во првото коло ќе има гостување против градскиот ривал Пролет, додека Охрид, кој имаше перфектен скор во суперлигашкиот дел, на стартот од плејофот ќе му гостува на Бутел.

Точниот датум на стартот на плејофот дополнително ќе биде објавен, а актуелните прогнози се дека ракометните возбудувања на домашната сцена ќе стартуваат во последниот викенд од месец февруари или првиот од месец март.

Во разигрувањето за плејаут, во првото коло ќе се сретнат Прилеп – КЛ7, Работнички – Радовиш, Астраион – Младост Богданци и Јуниор Кисела Вода – Тиквеш.

Се вчитува...