Прва лига – ПОД ЛУПА 2020 година: „Сапуницата Вардар“, Шкендија ги донесе Мурињо и Тотенхем во Скопје, тренерското столче е најклимаво во Македонија

Никола Станикевски

Изминатава 2020 година како и во целиот свет така и во Првата македонска фудбалска лига ја одбележа борбата со пандемијата од коронавирусот и начинот на кој таа се рефлектираше на нормалното функционирање.

„Сапуницата“ околу најтрофејниот клуб Вардар и изминатава година беше во фокусот на прволигашките случувања. Од освојување на титулата со тим предводен од Александар Васоски кој нема земено плата цела година, до недобивање лиценца за настап во Европа, па се до континуитет на неизвесност поради неодговорен сопственик и раководство кои го оставаат клубот во долгови и без решение.

ВАРДАР – (не)шампион, (не)лиценца, (не)иднина

А, Вардар пролетниот дел од сезоната во годината која ја оставаме зад нас го почна на првото место со голема предност на првенствената табела. Се одеше на тоа „црвено-црните“ без поголеми проблеми да стигнат до нова титула во Првата македонска фудбалска лига. Коронавирусот си го направи своето, па некаде на средината на март беа суспендирани сите спортски натпреварувања во светот. Неизвесноста почна буквално секаде. Фудбалската федерација на Македонија ги разгледуваше буквално сите опции со клубовите, за на крајот да се дојде до одлука првенството да биде прогласено за завршено.

Тука почнаа првите проблеми, Вардар како првопласиран немаше право да ја претставува Македонија во квалификациите од Лигата на шампионите. Одземањето на лиценцата поради долговите беше причината најтрофејниот клуб да нема право на настап во Европа, па неговото место го доби Силекс, а во Лигата на Европа заминаа Шкендија, Ренова и Шкупи.

ФФМ донесе одлука, новиот шампионат да стартува на 9. август, а Вардар сепак на крајот беше признат шампион.

Шкендија повторно најдобар македонски претставник во Европа

А, во фудбалска Европа, Шкендија повторно најдобар претставник на Македонија на Стариот Континент. Тетовци го доведоа Тотенхем, предводен од Жозе Мурињо. Лондонскиот тим триумфираше со 1-3, но Шкендија покажа дека може да игра и со најдобрите тимови.

Силекс доживеа елиминација во првите мечеви во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, од Карабах и Дрита. Со истата судбина мина и Шкупи, додека Ренова успеа да мине едно квалификациско коло.

Како и да е, генерално нашата европска клупска приказна и секогаш е слична.

Дури седум тренерски смени во само неколку месеци во Првата лига

Новата сезона во ПМФЛ ни донесе трка за врвот меѓу Шкендија, Шкупи и Македонија Ѓорче Петров, во која, на крајот од есенскиот дел, на пол-позицијата се наоѓа тетовскиот тим. И додека се очекуваше од Шкендија поради квалитетот на тимот да биде на врвот, изненадување е Македонија Ѓорче Петров која предводена од Жикица Тасевски одигра неверојатна полусезона.

Борбата до крајот на шампионатот ќе биде израмнета буквално за сите позиции. Како за титулата, така и за Европа и за опстанок.

Александар Васоски го напушти Вардар, си се пресели во Академија Пандев, само како еден од дури седум клуба во Првата лига кои се одлучија на тренерски смени. Есента и нејзиниот крај ќе останат запаметени и по тоа што Академија Пандев, Вардар, Работнички, Шкупи, Пелистер, Беласица и Ренова се одлучија да менуваат на тренерската позиција. Ернест Ѓока со Шкендија, Жикица Тасевски во Македонија ЃП, Горан Симов во Силекс, Срѓан Захариевски во Струга ТЛ и Горазд Михаилов во Борец се тренерите кои се чини, и тоа како, ја оправдаа довербата во своите клубови па се очекува и низ пролетниот дел од сезоната да бидат предводници.

Во секој случај неизвесна пролет не чека на прволигашката сцена. Шкендија останува прв фаворит за титулата, а максимално сериозна ќе биде битката за излез на европската сцена и опстанок во лигата.

Се вчитува...