СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2020 година – ГОРАН ПАНДЕВ!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

И покрај тоа што пандемијата на коронавирусот оневозможи одржување на традиционалните предновогодишни избори на најдобри македонски спортисти, за изминатава година засекогаш ќе остане само една вистина – СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2020 ГОДИНА е ГОРАН ПАНДЕВ!

Некако ете, „играта на случајност“ повторно си поигра со македонскиот фудбал. По долги години чекање за воскресение на сениорски репрезентативен фудбал, по долги години чекање фудбалот да биде примарниот спорт кога станува збор за годишните признанија, македонските фудбалери останаа на крајот од 2020 со „празни раце“… Ако, реално, може и тоа така да се каже. Затоа што, останува и фактот дека пласманот на Европското првенство и остварувањето на сонот за настап на најголемото континентално натпреварување за нив е поголемо признание од секакво парче хартија.

Ниту пак, без разлика што ги немаше официјалните избори за кои се навестува одржување низ првите месеци од новата година, може да се избрише тоа што му е сосема јасно буквално на секој поединец од спортската јавност во Македонија – признанието за број 1 во македонскиот спорт за 2020 е без конкуренција за најдобриот македонски фудбалер.

Секако, клучниот фактор е водството на националниот тим кон првото сениорско Европско првенство за македонскиот репрезентативен фудбал, но сето тоа е само мал сегмент од широкиот мозаик кој ја заокружува беспрекорната кариера на „Гранде Пандев“. Горан Пандев е СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2020 година. Не поради погодокот во Тбилиси, но затоа што:

  • Поведе една нова генерација македонски фудбалери кон најголемиот свој сон на начин препознатлив само за еден лидер;

  • Го победи искушението да се откаже од сета надеж за спас на репрезентативниот фудбал, не дозволувајќи тогашните негови разочарувања да бидат пречка за утрешните соништа. Се врати и победи… И за себе и за Македонија;

  • На 38 години ја демонстрираше сета своја фудбалска младост, однесувајќи се како најневажниот од 11 кои се појавиле на терен;

  • Ниту еднаш не употреби ЈАС изминативе години, а повеќе од често беше: „ТИЕ… Овие момци се најдоброто нешто кое фудбалска Македонија го имала досега во историјата“;

  • И овозможи на Џенова, но и на Италија, уште да ужива во умешноста на фудбалскиот геније, повторно и повторно освојувајќи ги срцата на италијанските фудбалски вљубеници;

  • Ја натера и цела фудбалска Европа да се поклони пред неговата желба, срце и упорност да му помогне на националниот тим;

  • Едноставно. Кога ќе се каже македонски фудбал – се мисли Горан Пандев!

Затоа!

И веројатно Пандев низ престојните месеци, веруваме и се надеваме, ќе ги добие соодветните признанија од домашните државни и спортски институции. Чисто само како потсетување за спортските историски архиви, за годината во која Горан Пандев го остварил својот сон!

Се вчитува...