Собир на ракометарите – Брестовац ќе експериментира против Чиле

Македонската ракометна репрезентација денеска го одржа првиот собир во 2021 година, со што продолжува со реализација планот на селекторот Брестовац за формирање на што поголема база за играчи кои би можеле да се најдат во националниот тим. Во тој правец, на овој собир ќе нема поискусни ракометари како Стоилов, Манасков, Ристовски, Георгиевски, а покрај капитенот Кире Лазаров шанса ќе добијат голем број млади ракометари.

Во следните седум дена Македонија ќе одигра два контролни натпревари со селекцијата на Чиле, можност за помладите играчи да го покажат ссвојот потенцијал и во репрезентативниот дрес.

„Начинот на формирање на репрезентативна база е тој, да им се даде шанса на што повеќе ракометари, а тие потоа самите да се изборат, да се докажат дали заслужуваат да бидат дел од овој национален тим. Токму затоа се решивме за ваков список, во кој секој играч што има позначајна улога на клупски план ќе може да се докаже и во репрезентацијата. Не зборуваме само за настапот на натпреварите, туку и за односот за време на тренинзите. Тоа е нашата цел, секој да добие шанса, а потоа кој колку ќе ја искористи, ќе зависи од самите ракометари. Ова е начинот на кој со години не се работело, затоа извесно време имавме и генерациски дупки, но верувам дека низ реализацијата на овој проект репрезентативниот ракомет ќе ни се движи во позитивна насока“, истканува селекторот Данило Брестовац.

Македонија се уште е прва резерва за учество на СП 2021 доколку некоја од репрезентациите во последен момент го откаже учеството на СП во Египет, а доколку се случи оваа вајлд-карта да се активира во „пет до дванаесет“, селекторот ќе врати дел од поискусните играчи кои нема да бидат во комбинација за пресметките со Чиле.

Се вчитува...