Гризман повторно на клупа и нервозен, Куман се правда – Има доволно натпревари за сите фудбалери

Барселона славеше во 17-то коло од „Примера дивизион“ против Хуеска (1: 0) и скокна на петтото место на табелата. Со оваа победа, каталонскиот клуб останува во борба за титулата, па сега заостанува десет бода зад водечкиот Атлетико.

По натпреварот, шпанските новинари беа најмногу заинтересирани зошто тренерот на Барселона, Роналд Куман, го остави Антоан Гризман на клупата. Мартин Брајтвејт доби можност од првата минута наместо францускиот напаѓач, кој Барса го плати 120 милиони евра.

“Верувам на секој од моите играчи, но ако одлучам да играм со тројца во средниот ред, тогаш можам да имам тројца напаѓачи. Секако, тука е Меси, и овој пат решив дека Оусман Дембеле ќе игра со него. Како трет играч требаше да одлучам помеѓу Антоан и Мартин. Сепак, Мартин добро се снаоѓаше во последните неколку недели и затоа се одлучив за него, но оваа одлука не значи дека не верувам во Гризман, има доволно натпревари за сите фудбалери“, изјави Куман, кој го внесе Гризман во игра во последните девет минути.

Ова е втор пат во последните три натпревари Гризман да остане на клупата. Во победата против Валјадолид (3: 0) не доби шанса, а претходно во ремито со Еибар (1: 1) беше заменет по 66 минути игра на зелениот терен.

Се вчитува...