Јирген Клоп се пожали на третманот што Ливерпул го има кај судиите во последните неколку сезони, откако „црвените“ повторно беа оштетени од ВАР-арбитрите, кои не досудија пенал за очигледно играње со рака по ударот на Вајналдум кој одеше во рамките на голот на Саутемптон.
Притоа, германскиот стратег направи споредба меѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед откако тој дојде на клупата на „црвените“.
„Мислам дека не е нормално, Манчестер Јунајтед за две години има повеќе пенали отколку ние за пет и пол… Ова денеска делуваше очигледно, сите видоа дека топката оди кон голот и дека тој ја удира со рака. Бев шокиран, го прашав четвртиот судија дали ВАР треба да погледне, тој ми кажа дека погледнале и решиле дека нема пенал. Згора на тоа, начинот на кој Андре Маринер денеска се однесуваше кон Садио Мане. Ако некој каже дека Мане бил глумец, мора да се шегува. Тој изеде толку ќотек, секој друг ќе добиеше и пенал за оној старт со две раце врз него. Може ли некој да ми објасни што е пенал во Премиер-лигата, ве молам. Не барам изговор, одигравме слабо и загубивме, но добро е некој еднаш да ни објасни какви се критериумите“, истакна Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

