Барселона не сака да го продаде Антоан Гризман и покрај лошата форма во есенскиот дел од сезоната. Французинот се најде на теренот само девет минути на последниот првенствен натпревар против Хуеска, одигра 66 минути без гол против Еибар и остана на клупата против Валјадолид.
По пристигнувањето на тренерот Роналд Куман, Гризман беше потенциран како еден од клучните играчи во тимот, но Антоан досега не ги исполни очекувањата. На 20 натпревари на кои играше францускиот напаѓач, тој постигна пет погодоци и две асистенции.
Гризман оваа сезона играше на пет позиции – напаѓач, полу-шпиц, лево и десно крило и офанзивен играч за врска. Во декември тој играше претежно на крилните позиции, но и тоа не вроди со плод. Последниот гол го постигна против Ференцварош во Лигата на шампионите на 2 декември.
Сепак, Барселона нема намера да ги разгледува евентуалните понуди за Французинот во јануарскиот трансфер период. Гризман сигурно ќе остане, а до летото новиот претседател ќе одлучи дали да го задржи човекот кој ја чинеше Барселона 120 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

