ДРИБЛИНГ: Се повлече личноста на која Вардар ќе се сеќава по – НИШТО!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Ако се анализираат бројните одлуки на Сергеј Самсоненко со кои го доведе ФК Вардар таму каде што е во моментов, потрагична од оваа последната да се крие од јавноста неисполнувајќи ги своите обврски како начин да се пронајде патот за спас на најтрофејниот македонски клуб е само одлуката пред седум години на највисоката функција во клубот да го доведе Самоил Симев. И таму да го остави до последниот ден на тоталната пропаст на „црвено-црните“.

Од директорската функција на ФК Вардар, по цели седум години раководење, денеска се повлече Самоил Симев. И тоа апсолутно никого не го потресе. За разлика од пред седум години кога јавноста беше шокирана од одлуката тотален анонимус да раководи со најтрофејниот клуб. Иако, во вистинските спортски кругови сето тоа беше дочекано и со потсмев, но без никаква соодветна критичка јавност во спортска Македонија (која реално и не постои). Па, на крајот, затоа што сите ние сме единствено учени на молк, држење по страна и сеирџиски потсмев во сериозни ситуации, се доаѓа до епилог каков што е денешниот во кој се наоѓа Вардар.

Од ФК Вардар денеска се повлече личноста на која клубот и сите негови приврзаници ќе се сеќаваат по – ЕДНО ГОЛЕМО НИШТО. Човекот кој седум години го чуваше клучот на најтрофејниот фудбалски колектив, зад себе не остави ниту став, ниту изјава, ниту било каква акција, ниту проект ниту производ по која било кој ќе го памети. Во Вардар во минатото минале бројни смешни личности, за кои и самиот сум сведок изминативе 20 години. Имало се и сешто, но секој на свој начин оставил некаков препознатлив печат – и за себе, и за клубот. Ваква безличност Вардар ниту имал, ниту некогаш, верувам, ќе има во иднина!

А всушност, колкава е безначајна личноста, за жал за еден колектив како ФК Вардар, на Самоил Симев покажува дури и тоа што ниту оние најголеми административни порази на клубот: недобивањето европска лиценца две години по ред, киксот со Висар Муслиу, интернационалниот кикс со Максимов и „распродажбата“ на бројни млади таленти од кои раководството не знаеше да извлече ниту денар за клубот, никој жив и не ги поврзуваше и поврзува со Симев. За јавноста, интересно, Самоил Симев како име и презиме во ФК Вардар не постоеше.

Затоа и она денешно патетично соопштение, кое не е вредно за спомнување, а во кое апелира „сите засегнати страни да вложат максимален напор и обединувајќи се околу Вардар да му се помогне сега кога е најтешко“, е само заокружување на сликата за Симев. Човекот кој е дел од ланецот личности кои го доведоа Вардар до актуелната ситуација, сега повикува да се спаси од најтешкото!? Притоа не нудејќи ниту најмал одговор кој и зошто го довел до најтешкото!

Како и да е, некои, за жал, ќе го паметат Симев само по рушењето на колективот внатре во Вардар уште низ првите денови на неговото назначување во клубот и ‘бркањето’ од клубот на еден е најпрепознатливите административци, Љупка Стојановскa – Бубе, која на свој грб ја носеше канцеларијата во времето на Горан Митев и Зоран Шишковски.

„Доста бе Симев манипулираш со јавноста. Не се криј, како и секогаш, позади вработените во клубот. Јас на времето во очи ти кажав дека никој не е вечен, и тебе ќе те сменат, и да не бидеш лаком. Солза по солза која ја пуштав ќе те стигне, затоа што многу леташе во облаци. Но, Господ е голем и ќе те врати од таму од каде што дојде. Само што жално е што го уништивте клубот, ти и таквите како тебе, а притоа цело време му дававте погрешни информации на Самсоненко. Но, проблемот е што на Самсоненко како да му одговараше да верува на вашите лаги. Но, тој си знае зошто тоа беше така“ – ќе напише неодамна и самата Стојановска.

Како вистинска директна претстава и за онаа „човечката“ страна на Самоил Симев!

П.С.

Интересно, од Вардар оваа зима си заминаа сите оние личности кои изминативе години од петни жили се бореа да го одбранат „ликот и делото“ на Сергеј Самсоненко. Во онаа препознатливата од нивна страна „Сергеј никому не останал должен“ сега веќе очигледно не веруваат ниту тие самите. Па, секој во свој правец. Ми се чини, и дека сите оние сегашни повици за спас на ФК Вардар се една задоцнета приказна, најмалку три години. Од 2017 година кога тогашните фудбалери на клубот му донесоа европски милиони со учеството во Лигата на Европа на УЕФА, а никој не виде ниту денар од тие пари. Е, тогаш требаше да стартува акцијата за спас на Вардар. Тогаш кога единствено прозиваше ЕКИПА, а постојано беше обвинувана за манипулативно зацрнување на сликата за „беспрекорниот сопственик и прекрасното раководство на ФК Вардар“.

Се вчитува...